Следни чекори би биле зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратувањето на работата на угостителските објекти, дополнително од тоа што е сега до 21 часот. Тоа е следното можно сценарио, на почетокот на следната недела ќе се прави проценката, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Во смисла на дополнителни рестрикции следните чекори би биле зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Тоа би било дополнително на овој лимит сега. Очекуваме бројот на новозаболени да се намали, како резултат на веќе воведениот полициски час. Денес имаме бројка на новозаболени под 1000, значи помалку во однос на вчера и очекуваме така да продолжи. Овие мерки го даваат резултатот во првите десет со четиринаесет дена, ќе ги анализираме податоците. Спремни сме да препорачаме и дополнителни мерки, но сметаме дека не се потребни. Одлука ќе носиме в понеделник“, рече министерот Филипче.
Воведувањето на дополнителни рестрикции, министерот Филипче рече дека зависи главно од динамиката на примање нови пациенти и слободните болнички кревети во ковид – центрите.