Андријана Мехија од Мексико изгуби половина од своето семејство за 83 дена по огромниот скок на бројот на заразени со коронавирусот.
Андријана е едно од осумте деца. Таа најпрво го загуби својот татко Хуан, кој почина минатиот јули. Само две недели подоцна, нејзината постара сестра Сесилија ги доби првите симптоми и наскоро го загуби животот во борбата со короната. За жал, ова не е крај на приказната на Андријана затоа што таа подоцна го изгуби својот брат Хуан Карлос, мајката и сопругот.
– Одевме од погреб на погреб. Не знаевме дали веќе има крај на ова, вели Андријана (46), графички дизајнер.
Медиумите наведуваат дека претседателот на Мексико, Лопез Обрадор, го потценил вирусот и одбил да ги спроведе мерките што биле на сила низ целиот свет. Исто така, се наведува дека властите го сокриле точниот број на мртви. Поради несоодветни мерки и игнорирање на фактот дека вирусот напредува и се шири, ситуацијата стана катастрофална.
Андријана Мехија вели дека членовите на нејзиното семејство се жртви на недостаток на информации.
– Изгубив најголем дел од моето семејство и покрај тоа, не можев да плачам додека не почина мајка ми. Тоа беше моментот кога сфатив што се случува – изјави Мехија, која моментално е во посета на психотерапевт за да ги реши своите емотивни проблеми и траумата што ја преживеа.