После два месеци карантин, воведен за да се спречи ширењето на коронавирусот, пицериите во Неапол, родното место на пицата повторно почнаа да работат. Колку на Наполитанците им недостасувала пицата покажува и бројката од 60.000 изедени пици во еден ден. Оваа бројка е фантастична ако се земе впредвид дека работеле само 40 отсто од пицериите во градот, односно, работеле само оние кои успеале на време да извршат дезинфекција.
Нарачките биле толку големи што се правеле листи на чекање, а најбарани биле “маргаритата“ и “маринарата“.
Од Неапол и веста дека локалниот газда на пицерија, Ерико Порцијо организирал хуманитарна акција под слоганот “Една корона пица“. Целта на акцијата била секој ден да се испорачуваат најмалку 50 пици на фамилиите кои немаат доволно пари.
Инаку, работењето на пицериите во Италија беше дозволено од понеделник вечерта, а гувернерот на Кампанија, округот каде се наоѓа Неапол, изјави дека на почетокот на епидемијата мораше да се постават ригорозни мерки бидејќи се сметало дека болниците во регионот не можат да се справат со големиот прилив на пациенти.
Со ублажувањето низ цела Италија, гувернерот Де Лука дозволи испорака и продажба на пица во пицерии и ресторани, но без задржување. Севкупното отворање на барови и ресторани се очекува да биде во јуни, но со заложба за почитување на мерките за социјална оддалеченост и дезинфекција.