Тајните бункери на лидерите на Русија и на САД секако имаат нешто заедничко – ниту самите претседатели, ниту високите функционери на двете земји не кажуваат ништо за нив, а јавноста има оскудни информации. Сепак, има некои информации за засолништата на водачите на двете светски сили кои излегоа на виделина.
300 метри под земја
Според тие информации, двата бункери се наоѓаат на длабочина од 300 метри и во нив можат да бидат сместени до 10.000 луѓе. Тие се меѓусебно поврзани и имаат железничка инфраструктура која им овозможува да стигнат до стратешки важни објекти. Пентагон објави и информации за два специјални бункери во близина на Москва, кои се снабдени со храна и други средства, со кои може да се преживее неколку месеци. Во случај на нуклеарен напад, од таму се спроведуваат воени операции.
Сите тајни бункери и специјални засолништа во Русија се во надлежност на ФСБ и Генералниот директорат за специјални програми на претседателот на Русија, така што нема информации за нив. Сè што знае јавноста е откриено од архивските документи обелоденети од КГБ.
Весникот „Взглјад“ пренесува дека друга подземна резиденција на претседателот и воената команда се наоѓа на 60 километри од Магнитогорск (регионот Челјабинск) на планината Јамантау, недалеку од планинското одморалиште „Абзаково“. Наведено е дека бункерот бил изграден за време на Студената војна и во медиумите честопати се нарекува „бункерот на Путин“. Ова е поврзано со пишувањата на „Њујорк Тајмс“ во 1996 година, кога тие известуваа за тајната воена база што се гради под земја во таа област.
Бункерите под Белата куќа
Според мислењето на американскиот новинар Роналд Кеслер, кој веќе подолго време истражува за животот во Белата куќа, претседателскиот бункер се наоѓа под тревникот пред претседателската резиденција. Изградбата на бункерот траела две години. Кеслер, во својата книга, пишува дека бункерот има шест ката и дека во случај на евакуација може да прими не само Трамп и неговата придружба, туку и сите вработени во претседателската администрација.
„Њујорк Тајмс“ пишува дека бункерот е само дел од засолништениот комплекс под Белата куќа. Центарот за итни случаи работи таму од Втората светска војна, користен како засолниште за високи функционери од кабинетот на претседателот Џорџ В. Буш, како што се Дик Чејни и Кондолиза Рајс, кога терористите ги нападнаа Њујорк и Вашингтон во септември 2001 година. „Њујорк Тајмс“ пишува дека третиот претседателски бункер се наоѓа под Белата куќа и дека бил опремен во раните 1960-ти. Вклучува разузнавачки центар и конференциска сала. Вкупната површина на бункерот е 500 квадратни метри.
Пентагон изградил уште еден бункер во раните 50-ти години, и тој е наменет за евакуација во случај на нуклеарна војна. Се наоѓа на границата на Пенсилванија и Мериленд. Наменет е за претставници на високи ешалони на владата и високи воени претставници на САД. Засолништето Ровен Рок може да прими 3.000 луѓе одеднаш.
Засолништето на Џон Ф. Кенеди
Постои претседателски бункер на Флорида кој секој можеше да го посети до пред неколку години – тоа е засолништето на Џон Ф. Кенеди, кој беше музеј отворен за јавноста од 1998 до 2017 година.
Според „Тампа Беј Тајмс“, бункерот од 140 метри квадратни бил со намера да ги скрие претседателот и неговото семејство од нуклеарен напад. 30 луѓе би можеле да преживеат таму за еден месец. Заштитен е од зрачење, а се наоѓа веднаш до станицата на американската крајбрежна стража, која би обезбедила заштита во случај на вонредна состојба. Бункерот сега е затворен.