Приказната за Чернобил не престанува да го интригира светот, а оваа тема повторно беше „допрена“ во 2019 година благодарение на истоимената популарна мини-серија на HBO за нуклеарната катастрофа од 1986 година.
Имено, во серијата го нема ликот на Маријка, единственото дете кое било родено во високо контаминираната чернобилска зона по катастрофата. Тогаш новороденче, сега порасната девојка, за светот претставуваше „симбол на чернобилската ренесанса“ поради тоа што стана првото бебе родено и одгледување во близина на спорниот реактор број 4.
Кога во 1999 година дошла на свет, украинските власти се обиделе да го скријат тој „срам“ и ги третирале како „криминалци“ затоа што Маријка била родена во семејство на чернобилски работници кои илегално живееле во внатрешноста на зоната за евакуација од 30 километри.
Властите дури се обиделе да го присилат тоа семејство да ја напушти зоната, а тоа тие го одбиле затоа што не им било понудено алтернативно засолниште. Биле на мета на остри критики и навреди, а огромен број луѓе ги обвиниле дека свесно ја убиваат својата ќерка.
Медиумите пишувале дека ова русокосо девојче плива во реката во која се заразени рибите со кои се хранела и дека пие млеко од крави кои пасат на озрачените чернобилски ливади.
Нејзоната мајка Лидија Совенко непрекинато ги демантирала гласината за здравјето на својата ќерка:
„Доколку луѓето мислат дека е мутант или дека има две глави, не се во право. Таа е прекрасно дете и апсолутно здраво, како што може да видите“, зборувала своевремено Лидија.
Но, по почетната хистерија, за Маријка повеќе никој не напишал ниту збор – сè до денес. Сега медиумите дознале дека девојката живее еден целосно нормален живот.
„Добро сум и работам“, кратко прокоментирала за „Sunday Express“ во 2019 година девојката, додавајќи дека студира во Киев и дека наскоро ќе го прослави 20-от роденден.
Нејзините пријатели објасниле дека таа не сака да размислува за минатото и дека е посветена на студиите и работата за да го плати школувањето.
„Навистина не ѝ значи тоа што е единственото дете родено во Чернобил. Всушност, факт е дека таа е единственото дете родено тука по експлозијата, но тоа е болно за неа. Таа тоа го гледа како стигма“, изјавиле блиските луѓе до Маријка, додавајќи дека како дете ја молела мајка си да не им кажува на луѓето од каде се.
Нејзината мајка која денес има 66 години е горда на својата ќерка. Инаку, Лидија и натаму живее и работи во областа Чернобил, а нејзината ќерка има посебна дозвола да го обиколува тој реон кога и да посака.
„Луѓето тука веруваат дека Маријка е симбол на чернобилската ренесанса, знак од Бог кој тие го толкуваат како да е благослов да се живее тука и дека животот полека се враќа на ова место“, изјавила мајката.