Американскиот глумец Вендел Пирс кој глумеше покрај Меган Маркл во хит-серијата Suits, на својот профил на „Твитер“ напиша дека е воодушевен од главната ѕвезда на „Медена земја“.
– Атиџе Муратова е ѕвезда на Медена земја“. Само што ја запознав на предоскаровска забава. Таа и тоа како го заслужува вниманието што го добива. Ослободување. Во овој момент од нејзиниот живот таа е слободна. Господ да ја благослови. Ова е награда за целата нејзина грижа за мајка ѝ – напиша тој.
Инаку, оскаровската ноќ меѓу најгламурозните настани на планетата што се пренесува во повеќе од 220 земји во светот, по наше време ќе почне во 2 часот, а час и половина претходно ѕвездите ќе поминат на црвената патека пред театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
Доделувањето на наградите ќе се пренесува онлајн на oscar.go.com, телевизискиот пренос кај нас ќе го има на ТВ Телма. Директно следење на шоуто по полноќ ќе организира и Младинскиот културен центар каде што претходно, од 22.30 часот, ќе биде прикажан „Медена земја“ и ќе настапи групата „Фолтин“ кои ја направија музиката за филмот. Влезниците се бесплатни и треба да се подигнат на билетарницата на МКЦ.