Според Дростен, блокада од три седмици би им помогнала на земјите да се справат со ширењето, посебно во случај на преоптоварување на здравствениот систем.
„Со вирусот нема преговори. Овој вирус едноставно наметнува блокада кога ќе дојде до одреден број на заболени лица“, објаснува научникот.
Тој вели дека инциденцата во Германија е сè уште прилично ниска.
„Ако сега стиснеме на кочницата, би имале долгорочен ефект. Тоа би ни заштедило многу време“, додал тој.
Дростен објаснил дека предноста на привремената блокада, би можела да има одредени исклучоци, како што е одењето на учениците во школо.
„Сите однапред знаат дека оваа блокада ќе биде временски ограничена. Би траела три недели, што е малку повеќе од задолжителниот карантин. Во тој случај, уште повеќе ќе ја намалиме инциденцата и ќе имаме долгорочен ефект“, објаснува Дростен, кој смета дека тоа би било вин-вин ситуација.
Тој вели дека мини блокадите веќе постојат во некои делови на Велика Британија и се осмислени на тој начин за да спречат да дојде до колапс на здравствениот систем. Истовремено, таквиот начин на блокада нема да ја загрози економијата.
Вирологот советува дека треба да се работи и на брзи тестови во групите. Тој дава и пример и вели дека ако има некој заболен во колективот, тогаш сите во канцеларијата би требало веднаш да направат брз тест.
„На тој начин за 15 минути ќе знаеме дали имаме кластер или не. Тогаш ќе ја изолираме целата група“, вели Дростен и додава дека ова е многу побрза процедура од ПЦР тестот, кој се чека и по неколку дена.