Британската јавност е потресена од веста дека се откриени остатоци од 34-годишната бремена жена, Деби Григс, чие исчезнување го пријави нејзиниот сопруг во мај 1999 година.
Иако се обидел да го прикрие целиот случај, велејќи дека еден ден неговата сопруга само го оставила и заминала, по деталната истрага која траела со години, Ендрју Григс (59) сепак бил обвинет за убиство на неговата сопруга Деби, а во ноември 2019 година бил осуден на доживотен затвор. Нејзиното тело не било пронајдено сите тие години.
Луѓето кои работеле на овој случај се сомневале дека телото на убиената, Ендрју го фрлил во море, бидејќи тој бил рибар кој многу добро го познавал целото крајбрежје.
Сепак, целиот случај сега конечно доби епилог.
Полицијата пред две недели добила дојава дека нејзините останки се пронајдени во дворот на куќата во Сент Леонардс, Дорсет, каде Григс се преселил во 2011 година.
По пријавата, полицијата ја ископала градината и пронашла човечки останки, меѓу кои и делови од заби. Обдукцијата потврдила дека деловите ѝ припаѓаат на г-ѓа Григс.
Ќе се направат дополнителни анализи за да се утврди како починала г-ѓа Григс и како нејзините останки се нашле на имотот.
Главниот детектив на случајот, Нил Кимбер, од Управата за тешки злочини во Кент и Есекс, за овој случај рекол:
„Поминаа повеќе од 20 години откако Деби Григс беше убиена од нејзиниот сопруг, но никогаш не се откажавме од надежта дека еден ден ќе ги најдеме нејзините останки и ќе им дадеме на нејзините најблиски заклучокот од целата оваа приказна“, а потоа додал:
„Нејзиниот сопруг сите овие години негираше дека тој е одговорен за нејзиното исчезнување, но ова откритие е уште еден доказ дека тој цело време лажел, предизвикувајќи уште повеќе страдања на сите кои ја познавале и ја сакале Деби“.
Ендрју Григс е осуден на доживотен затвор со минимална казна од 20 години, откако е прогласен за виновен за убиството на сопругата. Таа одлука ја донел судот во Кентербери.
Обвинителите тогаш тврделе дека тој е „личноста која има најголем мотив да ја снема Деби Григс поради сомневањата дека имал афера со 15-годишно девојче“ и дека поради тоа може да остане без целиот свој имот, по разводот.