Смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност, ама не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија, објави вицепремиерот Никола Димитров.
– Го објавувам името оти мислам дека овој човек и неговото име треба да одекне како силен вресок за промени. Во изминатите денови добив многу пораки од познати и непознати граѓани, некои изненадени што носител на должност зборува (признава) за нефункционалност на институции, некои со поддршка и поттик за да се истуркаат промени, некои со скептицизам дека ништо нема да се стори. Денеска веќе гледам дека мотото “да нема ненадлежни” го преземаат и други. Тоа е добро. Да туркаме заедно. Вчера и денеска имав телефонски разговори и средби и со познавачи на состојбите на терен и со повиканите институции и она што го разбрав е дека недостасува интегриран систем за одговор на барања за помош во итни ситуации, објави Димитров на Фејсбук.
Димитров бара одговорност, но „топката се префрла“ и овој трагичен настан ќе помине со „одговорност“ колку стотици досега.
-Тој празен простор е совршено алиби за префрлање на топката меѓу институциите и за непреземање, ниту на акции, ниту на одговорност.
Тука се потребни итни чекори – да се создаде еден центар што ќе раководи со делегирање на надлежност при вакви ситуации. Наместо пет различни броеви граѓаните во мака ќе вртат еден, па таму ќе се одговорни да најдат кој е одговорен. А повиците да се снимаат. Оваа работа мора да се истурка до крај и јас лично ќе вршам притисок се’ додека не се заврши работата. За одговорност. За систем. Што поголем е притисокот толку поскоро ќе има резултати. Ќе си речете ова не е моја работа – ама пораката што ја пратив дека не смее да има ненадлежни сакам да ја покажам токму преку овој пример. Да, јас во оваа област немам директни ингеренции, ама тоа не ме лишува од одговорноста што ја чувствувам за да направиме промена што ќе спречи нова ваква катастрофа. Длабоко сочувство до семејството. Нека му е светол патот, ја завршува објавата Димитров.