Епидемиолошката состојба во Македонија се влошува, бројката на новозаразени, хоспитализирани и починати се зголемува со галопирачки интензитет, пишува на својот Фејсбук профил доктор Андон Чибишев.
“Ако продолжи вака порастот на нови пациенти за кратко време здравствениот систем ќе колабира и не само што нема да има каде да се згрижуваат болните туку и ќе нема која да се грижи за нив. Можеби полесно ќе најдеме кревети и капациетети за сместување, меѓутоа медицински кадар тешко дека ќе може да се реорганизира толку брзо. Лекарите, сестрите и останатиот здравствен персонал е на крајот на силите затоа што оваа состојба трае предолго и не само што нема знаци за смирување туку состојбата драматично се влошува. Сведоци сме на секојдневно напуштање на јавните здравствени установи на медицински кадар кој е сега најпотребен. Здравствените власти не само што не покажуваат знаење како да ја менаџираат ваквата тешка состојба туку и во соработка со Комисијата за заразни болести носат мерки кои се нелогични, неприменливи и тешко спроведливи во пракса.
Се забранува групирање на луѓе на отворено а се носи мерка за т.н. викенд без ДДВ со кој се стимулира наплив на потрошувачи во продавниците каде ќе има енормни групирања во затворен простор. СЕ најавува мерка за забрана за групирања во рамките на домовите на граѓаните а во јавниот превоз граѓаните се возат со автобуси во кои патниците се настискани еден до друг. Селективно се спроведуваат мерките на ограничено присуство на гости во кафулињата и ноќните клубови, се казнуваат угостители ако имаат гости кои не почитуваат мерки а се дозволуваат лумперајки до раните утрински часови во ,,привилегирани,, угостителски објекти.
Е, па вака, почитувани одговорни, оваа агонија уште многу долго ќе трае, напиша Чибишев во својата објава на Фејсбук.