Италијанските медиуми ја објавија последната фотографија од поранешниот премиер Силвио Берлускони, пред да биде примен во болницата каде што почина.
Како што пренесува La Stampa, фотографијата е направена во неговиот омилен бар, а Берлускони е прикажан како го гушка синот на сопственикот на барот.
„Се шегуваше со сите, како и секогаш“, раскажал сопственикот на барот.
Инаку, Берлускони почина во понеделникот наутро на 86-годишна возраст. Неговиот погреб е денеска во Милано, додека во земјата е прогласен ден на жалост.
На погребот се очекуваат околу 20.000 луѓе. За време на погребот, во катедралата во Милано ќе има околу 2.000 луѓе, вклучително и сегашни и поранешни државни и партиски лидери, објави Политико.
Плоштадот Дуомо, кој ја опкружува катедралата, е опремен со големи екрани каде околу 20.000 луѓе ќе можат да го следат погребот.
Повеќето членови на актуелната влада, како и неколку поранешни премиери и меѓународни високи личности, меѓу кои и унгарскиот премиер Виктор Орбан, се очекува да присуствуваат на катедралата.