Божиќ е Господски празник и се слави во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Евангелието го опишува настанот кога се родил Господ Исус Христос. Настанот ни сведочи дека римскиот император Август заповедал да се изврши попис на населението во Империјата. Тогаш праведен Јосиф и Света Дева Марија пристигнале во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов.
Немајќи каде да преноќат, тие отишле во пештерата каде ноќевале пастирите. И токму тука се роди Господ Исус Христос. Светлината и гласот на ангелите беа првите вести што ги видоа и слушнаа пастирите „Не бојте се! Денеска се роди Спасителот, кој е Христос Господ: и еве Ви знак: ќе најдете Младенец повиен во јасли“. И ангелскиот хор веднаш ја запеа песната „Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето со добра волја“ (Лука 2-14). Оваа радосна вест, пастирите ја потврдија веднаш и пристигнувајќи во пештерата му се поклонија на Младенецот.
На поклонение дошле и тројца вавилонски мудреци, носејќи му дарови: злато, ливан и смирна. Овие дарови симболизираат: ливанот – бог, смирната – човек и златото – цар.
Во Црквата овој празник почнува да се празнува при крајот на третиот век, затоа што дотогаш Црквата не му придавала многу значење на телесното раѓање. Многу поважно го сметала духовното раѓање, односно крштението и затоа овој празник се славел заедно со крштевањето на Господ Исус Христос и бил наречен Епифанија.
На Божиќ, рано утрото почнува Богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости.
Во некои села во Македонија по Богослужбата девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата, за да се сочуваат од разни болести и да бидат плодни. Овој обичај е пропратен со песни.
Исто така, со Божиќ е поврзана и поговорката, „Пред Божиќ, зад Божиќ дома да си“, што има значење дека за време на Големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.