Српската манекенка Анѓела Михајловиќ (25), која живее и работи во Кина повеќе од една и пол година, е ставена во карантин заради сомнение од коронавирус. Како што открива за српски Телеграф, на враќање од Сеул, Јужна Кореја, таа од кинескиот аеродром била однесена во стан кој станал нејзин личен карантин.
Како што вели, ако немала контакти во Кина – момче и пријатели – карантинските услови ќе биле многу построги и полоши. Таа ќе завршела во хотел, со многу други непознати луѓе.
„Поминав седум часа на аеродромот, три од нив во студен авион. Чекавме за да видат каде живеевме и зошто сме дојдени тука. Иако живеам со моето момче, бев одведена во мојот стан со специјално возило заради негова безбедност. Следниот ден, добив писмена потврда дека всушност сум ставена во карантин, во која беа напишани моите права и обврски“ – раскажува Ангела како започнала нејзината голгота.
„Телесната температура ја мерам и пријавувам два пати на ден, во седум наутро и седум навечер. Кога летав имав температура од 38,4, но во последните неколку дена имам само околу 37. Храната ми ја носи моето момче и сопственикот на станот. Кога обезбедувањето ќе даде знак, излегувам со маска и ракавици надвор за да ја земам оставената храна. Засега не можам да видам никого. Можеби подоцна ќе можам да го видам моето момче, барем на десет минути во присуство на другите. Ми рекоа дека доколку го прекршам законот, ако излезам, може да ме депортираат во провинцијата Шандунг. Сепак, сè уште е нејасно дали сум или не сум заразена од коронавирусот“ – раскажува манекенката.
„Не е пријатно да не видите никого, да се отвори вратата и само да се земе храната од подот. Најлошо е психичкото чувство. Се вратив само заради момчето во Кина, работа сега нема. Жално е што ќе морам да го поминам и роденденот во карантин“ – вели манекенката Анѓела Михајловиќ.