Нудистичко одморалиште на медитеранскиот брег на Франција бележи пораст на бројот на заразени со коронавирус, па на нудистите им се препорачува да носат маски и социјално да се дистанцираат.
Тестирањата покажаа дека 30% од стапката на новозаразени е поврзана со луѓе кои го посетиле Кап Д’Агд, место кое го посетуваат нудисти. Досега 95 посетители се позитивни на коронавирус, а уште 50-ет оболеле кога се вратиле дома. Тоа е за четири пати повеќе во однос на 7% стапката на заразени меѓу луѓето во тоа подрачје кои не ги посетувале нудистичките плажи. Се очекува бројката да се зголеми во наредните денови.
Здравствените власти сметаат дека на тие места најверојатно не се почитувало социјалното дистанцирање.
Директорот на регионалната здравствена агенција Пјер Рикорд порача дека коронавирусот циркулира насекаде, па за сите важат истите правила за заштита од Ковид-19: редовно миење на раце, носење на заштитни маски и одржување на дистанца.
После резултатите од тестирањата, регионалните власти наредија задолжително носење на маски за посетителите на плажите и воведоа забрана за групирање на повеќе од 10 луѓе.