Во Францускиот институт во Скопје, во четврток, во 18 часот, ќе се одржи Ноќта на идеите во Скопје, насловена „Како филозофијата ја гледа иднината”.
„Ноќ на идеите” е меѓународна манифестација, која се одржува во сите француски институт низ светот, на иницијатива на Францускиот институт во Париз и француското Министерство за култура и Министерството за надворешни работи, а претставува покана за отворен дијалог за запознавање со предизвиците наспроти кои денес е исправена науката, како и за размена на мислења околу актуелните проблематики на денешницата.Ноќта на идеите во Скопје е замислена како дебата помеѓу г-ѓа Делфин Морана Бирло, професорка на Универзитетот Париз 1 Пантеон Сорбона, и проф. д-р Ана Димишковска, професорка на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Дел од темите на кои ќе се разговара на оваа отворена дебата се предизвиците со кои се соочува филозофската мисла во 21-от век, местото на историјата на уметност помеѓу минатото и иднината и за тоа како да им се даде поголема присутност на општествените науки во образованието.
Дебатата е отворена за публика и за истата има обезбедено консекутивен превод.