Швајцарските власти се ригорозни кога станува збор за доделување државјанство, а случајот со жител по потекло од Косово покажува дека на одлуката на властите може да влијае и начинот на облекување.
Граѓанскиот совет во Бубендорф немал причина да го отфрли барањето за државјанство кое го поднел Хамди Халили, но сепак тоа се случило, пишува швајцарскиот „Блик“.
Инаку, барањето на Халили е одбиено по вторпат.
Прв пат тој бил одбиен во 2016 година со објаснување дека „на граѓаните им пречи што Халили се шета низ градот со долен дел тренерки“.
Швајцарскиот кантонски суд, каде била поднесена жалба против одбивањето, сметал дека одлуката не е доволно образоложена па и наложил на општината повторно да го разгледа барањето, пренесува „Танјуг“.
Вториот пат бил постигнат ист резултат, повторно без јасно образложение, иако синовите и сопругата на Халили веќе имаат швајцарски државјанства.