Д-р Горан Кунгуловски преку својот став објавен на Фејсбук ја аргументира неоправданоста на најновата мерка за задолжително носење заштитни маски на отворено, како и важноста од едукација на населението за правилно користење на маските.
“Носењето на маски во затворени простории, невентилирани простории, места со голема концентрација на луѓе и слично е една од најдобрите стратегии за намалување на пренесувањето на коронавирусот SARS-CoV-2 и сите останати сезонски вируси коишто следуваат.
Докажано е преку експерименти и модели дека индивидуалното и колективното носење на маски ја намалува веројатноста на една индивидуа да зарази друга и статистички таа индивидуа да зарази трети индивидуи. Значи носењето на маски има ЗНАЧАЕН ЕФЕКТ и поради тоа не заштитува сите.
FFP3, FFP2, N99, N95 имаат за цел да го заштитат носачот на маската и тие околу него. Хируршките маски имаат за цел донекаде да го заштитат носачот и генерално се користат за заштита на другите од самиот носач на маската. Платнените се најверојатно подобри од ништо, ама во споредба со горенаведените најверојатно имаат помал бенефит.
И кога носењето на маски има научна, медицинска и општествена вредност треба да се охрабрува. Во затворени простории, невентилирани простории, места со голема концентрација на луѓе, места кадешто луѓето подолготрајно се задржуваат.
Но носењето на маски на отворено, кадешто нема висока концентрација на луѓе, кадешто нема долготрајна концентрација на луѓе Е ТОТАЛНА ГЛУПОСТ. Нема никаква научна основа, нема никаков здравствен бенефит (освен што можеби како шалче ќе ни ги топли лицата зимоска), туку само ДИРЕКТНО и НЕПОТРЕБНО ГИ НАРУШУВА СЛОБОДИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ. Единствен начин кога е прифатливо слободата да се намали или наруши (да се направи trade off) е кога во прашање се доведува животот и здравјето на индивидуите во едно општество. Носење на маски на отворено, не е тоа.
Наместо да се носат мерки ради реда, треба фокусот да биде на едукација и спроведување на тековните. Секој граѓанин треба точно да знае:
1. Кој тип на маска, каква функција има.
2. Како се става, како се вади маската.
3. Правилно носење на маските. Носење на маска под уста или под нос НЕ Е НОСЕЊЕ НА МАСКА. Еквивалент е на НЕНОСЕЊЕ на маска.
4. Колку време може ваков или онаков тип на маска да се носи. Како се фрла, како се пере.
5. Луѓе со PCR негативен тест не постар о 24-48 часа не треба да се казнуваат за неносење на маска.
Треба работите да се прават функционално за да имаат ефект, а не декларативно како што сега се прават. И најбитно, да правиме разлика меѓу колективна свест и удирање во слободите.
П.С Аргументот за менталитот на македонецот не држи вода. Ако добро се спроведува некоја мерка, ќе има ефект“, напиша д.р. Кунгуловски.
Инаку, д-р Горан Кунгуловски е биоинженер кој работи во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина, како дел од клиниката „Жан Митрев“ и компанијата „Биоинженеринг ДОО“. Тој е еден од основачите на Наука за сите, каде повремено пишува и аргументирани мислења.
фото: Фејсбук