Парното поскапува за 14% а Бислимоски уверува дека во истиот момент кога ќе се стабилизира цената на природниот гас, одлуката ќе биде ревидирана. Оваа одлука е дефинирана, откако беше предложена од РКЕ уште при крајот на 2021 година.
„Цената на парното практично се враќа на ниво од јули 2018 година. РКЕ во последните 9 години носеше одлуки со кои сметките за парно континуирано се намалуваа, освен една година кога останаа на исто ниво. Природниот гас е енергенс кој државата го увезува и неговите високи цени влијаат во цела Европа. Ги уверувам граѓаните дека во моментот штом се стабилизира цената на природниот гас одлуката ќе биде ревидирана. До тогаш, упатувам апел до Град Скопје и општините да излезат во пресрет на најранливите категории со финансиска помош. Во исто време информирам дека и Владата ќе преземе соодветни мерки со кои ќе се обезбеди стабилност во снабдувањето со топлинска енергија. По две години откако РКЕ иницираше проширување на листата на ранливи категории со лица кои имаат ниски примања, Владата се одважи да донесе одлука по моделот кој го предложивме. По истиот пример бараме и Градот Скопје да делува. Во време на енергетска криза сите мора да се солидаризираме”, вели првиот човек на РКЕ Бислимоски.
Крајната цена на парното греење во просек се зголемува за 14,05 проценти кај трите компании на територијата на Град Скопје, се вели во одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вели дека станува збор за враќање на цената на парното на ниво од 2018 година, а како причина ја наведува зголемената цена на енергенсите на светскиот пазар. Бислимоски ги повика Град Скопје и општините да се солидаризираат со ранливите категории на граѓани со финансиска поддршка.
Тој додава дека со одлуката во јули 2021 година цената на парното се намали во просек за 4.35%.
По ескалирање на енергетската криза во Европа со огромниот пораст на цените на природниот гас и електричната енергија, дел од компаниите побараа ревидирање на цената за топлинска енергија дури и за 300%.
Во Скопје околу 60.000 потрошувачи се приклучени на централните системи за греење на трите компании.