Зголемената еколошката такса за горивата негативно ќе влијаат на стандардот на граѓаните. На светската берза расте цената на суровата нафта, а на домашен терен се зголемува еколошката такса од 3,5 денари за литар гориво. Во моменти кога граѓаните и стопанството се уште не се опоравиле од кризата предизвикана од пандемијата, стандардот на граѓаните дополнително ќе биде оптоварен, велат економистите.
Од Владата велат дека со оваа нова мерка која треба да се воведе на 1 јули нема да се зголеми инфлацијата, ќе се зголемат буџетските приходи и еколошкиот фонд со што ќе се промовира користењето на обновливите извори на енергија. Сепак. Стопанствениците сметаат дека со оваа нова мерка ќе се зголемат трошоците на работењето, раст на цените, а ќе се намали конкурентноста на нивните производи.
Од Стопанската комора на Македонија бараат посеофатна расправа за ова прашање, што од министрите одговорни за економијата е прифатено.
Професорот Трајко Славески, член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии вели дека една од целите на зголемувањето ќе биде исполнета, односно приходите по тој основ ќе се зголемат. Сепак, според него, несомнено ова ќе го намали стандардот на граѓаните.
-Поради релативно ниската еластичност на побарувачката за горива кај нас, зголемувањето на цените до одреден степен не влијае на намалување на потрошувачката. Секако, зголемените цени негативно ќе влијаат на стандардот на граѓаните и ќе ги зголемат трошоците за транспорт на стоки и патници. Дополнително, евентуалното воведување на оваа нова давачка доаѓа во изразито неповолен момент кога цената на суровата нафта на светските берзи е висока и се очекува нејзин натамошен раст, што може дополнително да ги зголеми малопродажните цени на горивата, вели Славески.
Еколошката такса и досега беше дел од цената на еден литар од горивата, но во зависност од типот на секое гориво таа не е поголема од еден денар за еден литар.
Comments are closed.