Следниот проект на српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ ќе биде филм за истекување на радиоактивен материјал од нуклеарен реактор во Институтот Винча во 1958 година.
Во интервју за Радио Белград 1, Бјелогрлиќ зборуваше за случајот со пиратеријата на филмот „Тома“, но го најави и својот следен проект – екранизација на вистински настан од 1958 година во Институтот Винча.
Иако не сакаше да открие многу за филмот, познатиот актер и режисер пред неколку години зборуваше за намерата да сними филм за несреќата во Винча базирана на романот „Случајот на Винча“, од Горан Милашиновиќ, професор на Медицинскиот факултет.
Тогаш беше откриено дека Вук Ршумовиќ и Бјелогрлиќ работеле на адаптација на книгата и пишување на сценариото, и дека работен наслов на филмот е „Чувари на формулата“.
„Српски Чернобил“
Нуклеарната несреќа во Винча се случи на 15 октомври 1958 година во Институтот за нуклеарни науки во Винча, а потоа имаше истекување на радиоактивен материјал од првиот нуклеарен реактор во Југославија, пишува РТС.
Шест истражувачи беа озрачени со смртоносни дози на зрачење – Роксанда Дангубиќ, Радојко Максиќ, Стјепко Хајдуковиќ, Драшко Грујиќ, Живорад Богојевиќ и Живота Враниќ.
Академик Павле Савиќ успеа да организира пренесување на озрачените истражувачи во Институтот „Кири“ во Париз, бидејќи тие не можеа да добијат соодветен третман во белградските болници.
Еден месец подоцна, пет пациенти, со исклучок на Благојевиќ, беа подложени на експериментална терапија за трансплантација на коскена срцевина. Максиќ, исто така, ќе влезе во аналите на медицината како првиот човек на кого му била трансплантирана коскена срцевина.
Сите освен Враниќ успеаја да се опорават од ефектите на зрачењето.
Во јавноста не се зборуваше многу за несреќата и многу информации беа чувани под превезот на тајност. Истражувачката програма, за која се шпекулираше дека е обид на Југославија да развие сопствено нуклеарно оружје, беше прекината кратко по несреќата.