Новите истражувања покажуваат дека коронавирусот започнал да циркулира во Њујорк кон средината на февруари, со седмици пред да биде потврден првиот случај, и дека патниците главно го донеле од Европа а не од Азија, објави дневниот весник The New York Times.
„Повеќето е очигледно европски“, рекол Харм ван Бакел, генетичар од приваниот њујоршки Медицински факултет Ајкан (ISMMS), кој e коавтор на споменатата студија.
Друг научен тим од Медицинскиот факултет на Њујоршкиот универзитет (NYU) дошол до неверојатно идентични заклучоци, и покрај тоа што проучувал сосема поинакви групи случаи на заразата со новиот тип коронавирус.
Двата тима кон средината на март почнале да ги анализираат геномите на коронавирусот SARS CoV-2. Истражувањата откриле дека вируост започнал да се шири порано отколку што се мислеше, а тоа можело да се открие со агресивно тестирање.
Меѓутоа, Италија започна да ги затвора градовите кон крајот на февруари, а Трамп на 11-ти март изјави дека ќе го забрани влезот за граѓаните на повеќе европски земји. Но, њујорчаните уште тогаш пристигнувале дома носејќи го вирусот.
„Луѓето не беа свесни за тоа“, изјави Адријана Хегај од “NYU”, додека пак Ана Силвија Гонзалес-Рајхе и нејзините колеги од “ISMMS” откриле дека вирусите во Њујорк се практично идентични со вирусите откриени во Европа.
„Не можам да кажам со кој точно лет вирусот пристигнал од Европа во Њујорк, но истражувањата открија цел период на непречена трансмисија на вирусот од крајот на јануари до средината на февруари“, изјави таа, а најголемиот експерт за заразни болести во САД, ценетиот Ентони Фаучи изјави дека тоа е веројатно точно.
„Патувањата од Кина веднаш ги пресековме, но Европа стана епицентар релативно брзо, посебно во северна Италија. Имајќи ја во предвид количината на воздушниот сообраќај од Италија за Њујорк, не е изненадувачко тоа што вирусот ненамерно пристигнал овде пред тие да знаат што воопшто се случува. Тоа е една од причините поради кои сега сме во тешка ситуација“, изјави Фаучи за “ABC”.