Радио водител на југот на Филипини е убиен во неговото домашно студио во дрзок напад на кој сведочеле луѓе кои го гледале преносот во живо на Фејсбук, пишува „Гардијан“.
Вооружениот напаѓач влегол во радиото на Хуан Џумалон, провинциски водител на вести познат и како ди-џеј Џони Вокер, преправајќи се дека е слушател.
Потоа двапати го застрелал за време на утринскиот пренос во живо во градот Каламба, провинцијата Мисамис Оксидентал, соопшти полицијата.
Напаѓачот го грабнал златниот ѓердан на жртвата пред да побегне со мотоцикл со сопатник кој го чекал надвор.
Во тек е истрага за да се идентификува сторителот на злосторството и да се утврди дали нападот е поврзан со работата.
Филипините долго време се сметаат за едно од најопасните места во светот за новинарите.
Претседателот Фердинанд Маркос Јуниор остро го осуди пукањето и рече дека и наредил на националната полиција да ги открие, уапси и процесуира убијците.
„Нападите врз новинарите нема да бидат толерирани во нашата демократија и оние кои ја загрозуваат слободата на печатот ќе се соочат со целосни последици за нивните постапки“, рече Маркос во изјава за медиумите.
Националниот сојуз на новинари на Филипините, кој се залага за слободата на медиумите, рече дека Џумалон е 199-от новинар убиен во земјата од 1986 година, кога демократијата се врати по бунтот на „Силата на народот“ кога беше соборен диктаторот Фердинанд Маркос, татко на актуелниот претседател, и го принуди него и неговото семејство на егзил во САД.
„Нападот е за уште поголема осуда бидејќи се случи во сопствената куќа на Џумалон, која служеше и како студио на неговото радио“, рекоа од Националниот сојуз на новинари.
Видеото од нападот го прикажува Џумалон (57) како застанува и гледа кон горе во нешто подалеку од камерата пред да одекнат два истрели.
Се струполи на столицата додека свиреше музика во позадина. На пат кон болницата почина.
Напаѓачот не можеше да се види на преносот во живо на Фејсбук, а полицијата соопшти дека проверува дали безбедносните камери поставени во куќата и на имотите на неговите соседи снимиле нешто.
Во 2009 година, членовите на моќниот политички клан и нивните соработници убија 58 лица, вклучително и 32 медиумски работници, во напад во јужната провинција Магуинданао.
Тоа беше најсмртоносниот поединечен напад врз новинари во поновата историја.
Иако масовното убиство подоцна беше поврзано со насилни изборни ривалства вообичаени во многу рурални области, тоа исто така ги истакна заканите со кои се соочија новинарите на Филипините.
Изобилството на нелегално оружје и приватните армии контролирани од моќни кланови и слабото спроведување на законот во руралните региони се меѓу безбедносните проблеми со кои се соочуваат новинарите во земјата погодена од сиромаштија, пишува „Гардијан“