Откако во два наврати неделава, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји предупреди дека Албанија и С. Македонија ќе бидат разделени на патот кон ЕУ, доколку Скопје не најде заеднички јазик со Софија за историскиот спор, се огласија двајца угледни новинари од Брисел, кои долги години ја следат надворешната политика.
Синоќа преку Твитер се јави дописникот на Вол Стрит Џурнал од Брисел, Лоренс Норман, кој повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската комисија.
„Не подготвуваме раздвојување“, велат од ЕК, напротив, Комисијата поддржува брзо отворање на преговорите со двете земји.
Во кус коментар објавен денеска и порталот Политико го тврди истото. Бриселскиот медиум, исто така се повикува на висок функционер кој експлицитно ги демантирал изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз.
„Ние во ‘Политико’ исто така добивме информација од висок претставник на ЕУ дека не се планира раздвојување на Албанија и С Македонија. Можеби е обид за притисок врз С Македонија за да се договори со Бугарија? Но, мала е веројатноста кога на комесарот му противречат други официјални лица, а Бугарија сега нема ниту Влада!“, напиша уредникот во „Политико“, Ендрју Греј.