Заболените од ковид 19 најверојатно се најмногу заразни во првите пет дена откако ќе развијат симптоми, потврдува новото истражување, истакнувајќи ја потребата за брза изолација.
Истражувањето објавено во списанието „Лансет“, исто така, сугерира дека асимптоматските лица можат побрзо да го отстранат вирусот од своето тело и да бидат заразни пократко време.
Во првиот системски преглед на овој тип, истражувачите анализирале податоци од 98 претходни студии за пренесување на инфекција со коронавирус.
Истражувачите ги споредиле своите откритија за ковид-19 со уште два други вида коронавирус за подобро да разберат зошто ковид-19 се шири толку брзо. Откриле дека вирусното оптоварување (количина на вирус откриено во организмот преку различни фази на инфекција) на САРС-КоВ-2 (вирусот што предизвикува ковид-19) достигнува врвови во горниот респираторен тракт во почетокот на болеста, помеѓу почетокот на симптомите и петтиот ден.
Ова е значајно затоа што се смета дека вирусот во горниот респираторен тракт е главниот извор на пренесување. За споредба, вирусното оптоварување за два други вида на коронавирус (SARS-CoV и MERS-CoV) достигнува максимум подоцна – помеѓу 10 и 14 дена односно 7 и 10 дена, обезбедувајќи повеќе време за препознавање на симптомите и карантин, пренесува Хафингтон пост.