Секој втор човек, кој бил хоспитализиран поради Коронавирусот и излегол како победник во борбата против оваа болест, развил психијатриско нарушување, само еден месец по напуштањето на болницата.
Една третина од нив страдаат од депресија и посттрауматско стресно нарушување, повеќе од 40 проценти од пациентите се презаситени од вознемиреност, истиот процент имаат проблем со несоница, а секое петто лице развива опсесивно-компулсивни симптоми, според истражувањето на италијанските експерти од болницата „Сан Рафаело“ во Милано, градот кој беше меѓу најтешко погодените од Ковид 19.
Резултатите од студијата спроведена на примерок од 402 пациенти, која неодамна беше објавена во британскиот „Гардијан“, исто така покажуваат дека жените имаат поголеми шанси да страдаат од ментално нарушување, иако подобро се справуваат со физичките симптоми на болеста. Истражувајќи ги причините зошто половина од пациентите со Ковид страдаат од психијатриски нарушувања по надминувањето на оваа сериозна болест, италијанските лекари дојдоа до заклучок дека олујите и бурите во пределот на душата можат да се појават како последица на имунолошкиот одговор на Коронавирусот, но другиот дел од објаснувањето секако лежи во психолошкиот стрес, како што се социјална изолација, интензивен страв од смрт, стигматизација и страв дека овој фатален вирус може да им се пренесе на најблиските.
„Луѓето со Ковид 19 се насочени кон преживување и победа во битката против вирусот. Тие ги мобилизираат сопствените сили и истрајуваат во таа борба, но кога ќе заврши таа фаза, се создава простор за човекот да се соочи со знаењето дека бил животно загрозен. Затоа, не е неочекувано симптомите поврзани со стрес, депресија и вознемиреност да се појават само откако ќе поминат низ критичната состојба. Колку долго траат, зависи од многу фактори, а особено тоа од начинот на кој лицето се обидува да ги надмине, претходните искуства со слични потешкотии, поддршката што ја имаат во нивната околина и можноста да препознае и прифати потреба од консултација со професионалец за ментално здравје“ – вели д-р Ивана Сташевиќ Карлишиќ.