Полека се одмотува клопчето околу злоделата што ги правел српскиот надрилекар Мирољуб Петровиќ кој го лекуваше триесет и едногодишниот велешанец Славчо Петров, кој почина на 7 јануари годинава од тумор на мозокот.
Со изјава дадена за српскиот весник “ Блиц“, мајката на Марјан Батовац, Јеленка, го обвинува Петровиќ за смртта на својот син во март 2018 година.
“ Мојот син имаше 83 килограми кога му беше дијагностициран рак на панкреас. Го консултира Петровиќ кој му ја предложи својата детокс терапија, односно, еден месец да пие само сокови и неговата тинктура. Купи дури 17 шишенца со тинктури и по 40 дена син ми ослабе 20 килограми и наскоро почина“ , објаснува мајка му на починатиот Марјан.
Инаку, пред неколку дена сестрата на Славчо, Билјана Јовановиќ за неговата смрт го обвини исто така Мирољуб Петровиќ, кој им рекол во никој случај да не одат на лекар и дека само од неговата терапија ќе му биде подобро. Јовановиќ пред камерите изјави дека безгранично му верувала на Петровиќ, како и дека веднаш по дијагнозата на нејзиниот брат му пишала мејл. Тој им препорачал 30 дена цедени сокови и неговата тинктура.
Како што дознава „Блиц“, овој самопрогласен доктор, е познат по шарлатанството. Тој убедувал многу луѓе наместо на доктор, да доаѓаат во неговиот центар, каде им ги наплаќал „лекувањата од рак”.