Актерот Милутин Мима Караџиќ го прослави 68-от роденден во друштво на својата нова избраничка, младата колешка Наташа Станишиќ (33). Со оглед на тоа што некогашниот заводник со години го криеше љубовниот живот, изгледа дека сега ја пронашол својата сродна душа и сака тоа на сите да им го покаже.
Маркантниот Црногорец покрај својата нова девојка делува поенергично и понасмеано од кога било досега, а се гледа и дека дополнително се грижи за својот физички изглед.
Додека едни ја коментираа убавината на младата актерка Наташа, сè почести беа коментарите во кои се наведува дека таа е вистинска копија на поранешната сопруга на Мима, Сунчица. Имено, иако актерот јавно беше прогласен за вечен ерген, тој еднаш дури и рипна в тавче.
Имено, Мима во далечната 1992 година во Црна Гора ја запознал Сунчица Ѓуриќ, која летувала во Херцег Нови. Тие, по неколкумесечна врска, на Арангеловден, се венчаа во Белград. Прославата беше организирана во павилјонот „Цвијета Зузориќ“, а кумови им беа Жарко Лаушевиќ, колега и близок пријател на Мима од студентските денови и драматургот Хајдана Балетиќ. За жал, бракот не потраја, Сунчица и Милутин се разведоа, а актерот никогаш повеќе не се ожени.
Наташа и Сунчица навистина неодоливо личат. И двете имаат бујна црна коса, полни усни, изразито светол тен и заводлива насмевка. Се чини дека актерот сите овие години барал убавица како неговата поранешна сопруга. Па така, можеби поради доживувањето на новата љубовна среќа, актерот во седмата деценија повторно ќе реши да се ожени и да ги изненади сите.