Не стивнуваат реакциите на јавноста за споменикот на Тошe Проески, кој во саботата свечено беше откриен во Нова Градишка.
Многумина се согласуваат дека статуата воопшто не наликува на пејачот, а на некој начин со оваа критика се согласува и скулпторот Славко Буниќ, пишуваат хрватските медиуми.
– Разбирам дека луѓето се незадоволни. На прв поглед ниту јас не видов сличност – признава Буниќ. Но, Буниќ критиките ги префрла на медиумите, тврдејќи дека проблемот е во фотографијата на која не се гледаат деталите.
– Во јавноста се врти една лоша фотографија, на камерата ѝ пречеше сјајот на сонцето, па фотографијата е замаглена. Тоа е бел камен, малку пресветол и не се гледа сличноста – вели Буниќ.
„Статуите не мора да покажуваат вистинска сличност бидејќи за такво нешто треба да бидат направени од крв и месо“, е неговиот одговор на бројните критики.
Славко Буниќ вели дека е голем љубител на македонскиот пејач.
Инаку, на социјалните мрежи можат да се прочитаат огромен број на пораки, со кои се негодува поради изгледот на споменикот.
„Намерата е добра, но статуата воопшто не личи на Тоше“, напиша еден обожавател.
„Ако ова е Тоше, тогаш јас сум Пленковиќ“, „Ниту Македонците не би го препознале“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.
„Сакам да знам какви им биле изразите на лицата кога градоначалникот го тргнал чаршавот и ја покажал статуата“, напиша друг.