Министерството за внатрешни работи, утрово информираше дека вчера во 20.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на велосипедска патека на кејот на реката Вардар на подрачје на Центар се случила несреќа помеѓу велосипед управуван од К.Е.(38) од Скопје и друг велосипед кој го напуштил местото.
Притоа, со тешки телесни повреди се здобил К.Е. констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Увид извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Скопјанецот, Кирил Ефремовски на твитер го раскажа целиот настан што се случил кога неосветлен велосипедист буквално „се забил“ во него, по што без повреди и без да повика Итна помош го напуштил настанот.
„Пред 11,5ч на стаза од лева страна на патеката, на 30 метри пред мостот кај „Систина“ без светла ми се заби друг велосипедист ја возев десно… сѐ се случи за помалку од 5 секунди… по шокот од повредата сфатив дека ми е скрешена рака (коската излезена) повреда на око, лице и усни“, раскажува Кирил во еден твитовите.
Тој додава дека човекот кој управувал со другиот велосипедист бил во поголема паника и покрај тоа што поминал без повреди.
„Типот што ми се убута и ме удри испаничи повеќе иако нему не му беше ништо видливо. Не сакаше да викне 194, јас со крварења и скроз пукната рака вртев и после се појави една девојка. Типот дури стаса брза помош избега, си замина кон Карпош 4 “, додава тој во својата објава.
Пренесува дека по повредата итно бил подложен на оперативен зафатан, а операцијата траела цели три часа и додава дека некогаш „ни крив ни должен“ можеш да настрадаш како резултат на туѓото невнимание. Упатува благодарност до девојката кој трчала и дечко со тиркезен скутер кои случајно се нашле на местото на настанот и помогнале во целата ситуација.
Вели дека во Скопје се повеќе живеат дивјаци, преваратни, луѓе без никаква одговорност и сообраќајна култура. Ова само покажува дека ниту крив ни должен можеш за секунда да заминеш од овој свет, и тоа на велосипедска патека.
На крајот упатува благодарност за хуманоста и натчовечките напори до докторката Милена Стевановиќ и бара од Министерството за внатрешни да преземе мерки за расчистување на случајот.