Ниту еден од 25-те починати лица од ковид-19 во периодот од 6 до 12 август не бил вакциниран против вирусот, соопшти Министерството за здравство.
„Во период 06.08 до 12.08.2021 на територија на државата 3497 граѓани се позитивни од тестирани, од кои 450 биле целосно вакцинирани, односно само 12,8%. Голем процент, дури 87,1% или 3047 граѓани од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е 100%, покажува анализата. Во период од една седмица на територија на државата починале 25 лица со Ковид-19, ниту еден од нив не бил вакциниран“, се наведува во извештајот.
Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.