Лекар кој бил дежурен на Клиниката за токсикологија вчера бил нападнат од родител на дете, по што поради повреди бил пренесен на Ургентниот центар.
Причината за инцидентот била банална – родителот го донел детето на Токсикологија, но таму му било речено дека на оваа клиника се прегледуваат деца постари од 14 години упатувајќи го кон Педијатрија. Но, родителот не сакал да замине, по што се случил инцидентот.
Лекарот имал повреди на главата поради што морал да биде пренесен во Ургентниот центар, а по укажаната помош бил пуштен дома.
Родителот синоќа е пронајден и приведен, а против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од МВР за вечерашниот инцидент. Станува збор за триесет и двегодишниот С.И.
Министерот за здравство, Венко Филипче преку Фејсбук го осуди инцидентот.
„Денеска физички беше нападнат колега, лекар на Клиниката за токсикологија. Најостро го осудувам овој чин, нема оправдување за насилство. За жал, ова не е прв ваков инцидент, лекарите често се изложени на вербални и физички напади. Да не заборавиме дека овие луѓе се грижат за нашите блиски и спасуваат човечки животи.Насилството не е решение и не смее да биде. Ги повикувам институциите целосно да го истражат случајот и соодветно да санкционираат“, напиша Филипче.