Најмладиот патник на подморницата „Титан“ чии остатоци беа најдени на само 500 метри од потонатиот брод „Титаник“, не сакал да оди на патувањето, а за тоа се решил само за да не го разочара својот татко. Младиот Пакистанец Сулејман(19), син на милијардерот Шахзада Давуд бил преплашен од екскурзијата, открива за Ен-Би-Си Њуз неговата тетка.
Според Скај Њуз пак, Сулејман дошол на патувањето како подарок за Денот на татковците.
– Не беше многу расположен за патувањето, но чувствуваше потреба да го задоволи татко му, кој беше многу заинтересиран за потонатиот брод – рекла тетката Азмех Давуд, сестра на милијардерот Шахзада.
Пред патниците да бидат прогласени за мртви, Азмех рече дека постојано мислела со што се соочува нејзиниот внук заробен во подморницата.
– Мислам на Сулејман, кој има 19 години, како е внатре, веројатно борејќи се за здив… Чувството е парализирачко да бидам искрена.
Азмех, која е сестра на милијардерот Шахзада, истакнува дека до последно се надевала на чудо.
– Се чувствувам како да сум во многу лош филм. Има одбројување, но не знаеш што ќе се случи на крајот од одбројувањето. Ми беше тешко да дишам додека мислев на нив. Досега сум немала вакво искуство.
Азмех вели и дека уште пред внукот и брат ѝ да влезат во подморницата, таа била скептична.
– Не би влегла внатре, дури и ако ми дадете милион долари.
Жената, која има мултипла склероза и е во инвалидска количка, вели дека изминативе неколку години изгубила контакт со брат ѝ. Таа живеела во Англија, па се преселила во Амстердам бидејќи морала да користи медицински канабис за болеста.
Нејзиното семејство, вклучувајќи го и брат ѝ Шахзада, не го одобрувале ова. Но, Азмех истанува дека ги заборавила сите проблеми помеѓу нив штом дознала за трагедијата.
– Тој беше моето мало братче. Го држев во раце веднаш откако се роди.
Азмех чувствувала посебна поврзаност со внукот Сулејман, а го опишува како многу добро момче со прекрасно срце.
Во истата изјава, Азмех вели дека брат ѝ од најрана возраст бил опседнат со бродот Титаник. Како дете, постојано го гледал филмот A Night to Remember, кој е инспириран од потонувањето на бродот.
Исто така, тој честопати посетувал музеи во кои имало експонати од бродот. Поради ова, не била воопшто изненадена што тој платил половина милион долари за да го види бродот во живо со син му.
Во меѓувреме, многу правни експерти сметаат дека компаниајта ОушнГејт која го организираше патувањето до Титаник најверојатно ќе се соочи со тужби, и тоа не само од семејствата на жртвите.
Бидејќи се верува дека причината за трагедијата се пропусти во протоколите за безбедност, сосема возможно е и некој да заврши во затвор.
Тоа што туристите потпишале изјава дека се свесни за ризикот од патувањето со подморницата, не значи дека компанијата би се ослободила од тужби.
– Ако компанијата прави грешки, повеќето судови нема да дозволат да помине неказнето -вели Нора Фримен, професорка по право на Универзитетот Стенфорд.