Легендарниот пејач Жељко Бебек (75) во интервјуто за „Вечерњи лист“ проговорил за деталите за напуштањето на групата „Бијело дугме“ во 1984 година. Ја коментирал изјавата дека несогласувањата започнале поради песната „Косовска“, која Горан Бреговиќ (70) ја напишал на албански јазик.
„Несогласувањата започнаа една година претходно, во времето кога Горан веќе во голема мера беше одделен од базата на бендот, всушност, кога веќе не ни беше во бендот, туку сметаше дека сме бенд што работи за него. Како човек кој ја сака музиката и својот бенд, се плашев да не се повтори ситуацијата кога политиката веќе во 1976 година влезе да му направи дар-мар на „Бијело дугме“. Почна да ми пречи тоа што Горан почна да форсира дека рокенролот мора да „плука“ по нешто и не сфатив зошто ни требаше песна на албански јазик. Не бев ниту против таа песна ниту против албанскиот, но не знаев зошто на „Бијело дугме“ тоа му треба.“, вели Бебек.
„Живеевме во свет во кој тој потег можеше да наликува на уметничка слобода, а истовремено можеше да значи и ова – ако веќе постои рамноправност, тогаш можеме да пееме и на албански. Тоа, всушност, ме онерасположи и тогаш почнав да размислувам за тоа што мене ми треба, јас кој сакав да ја пеам „Селма“, „Сонував синоќа дека те нема“ или „Не спиј, малечка моја“, па сега одеднаш пеам песна што има друга конотација. И освен тоа што морав да ја научам и што ми беше многу тешко да пеам на албански, морав со тоа да пренесам и некоја порака, која ќе добие одговор во некое следно време“, продолжува тој.
„Одговорот дојде по само два месеца. Зазедов остар став и му реков на Горан: „Одиме во нов проект, во ред, но повеќе нема да толерирам вакви потези. Ако се случи тоа, ќе излезам од бендот“. И потоа се појави проект со песни што не можев да ги сварам, како „Липите цветаат“ со стихот „рамна ти е Југославија“, особено што во политичка смисла на овие простори дојде до многу посериозни превирања. Никогаш претходно во историјата не се случило од социјализам да се оди во капитализам. Во тоа време, полека почна да наѕира и доаѓањето на своевидна катаклизма, при што не сакав да одредувам страна, ниту со еден збор, ниту со една песна, а особено не сакав да бидам во функција на некој систем на кој никогаш не припаѓав. Тој статус не сакав да го променам и затоа дојде до нарушување во односот на бендот и дискусијата која заврши како што заврши – раскажал Бебек.