После пет месеци на пандемија на коронавирус, германскиот вирусолог Хендрик Штрек, професор на Универзитетот во Бон и автор на студија од Хајнсберг, жариште на коронавирус во Германија познато како „Германски Вухан“, смета дека на Светската здравствена организација (СЗО) и треба засилување, единица која ширум светот ќе ја сузбива заразата.
– Треба да постои тим во СЗО кој ќе одговара на итни случаи. Посакувам вакво нешто и за Германија: единица за интервенција за инфективни болести. Единица што би работела на државно ниво, а не само на покраинско ниво – рече Штрек во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Коментирајќи ја појава на инфекции во кланици и дискусиите за можното влијание на системот за ладење со кружење на воздухот врз ширењето на инфекцијата, тој вели дека факт е дека инфекцијата честопати избувнува на местата кадешто се сече месото.
– Таму е студено и бучно, луѓето треба да викаат за да бидат слушнати и тоа е многу напорна работа. Како резултат на тоа довикување, се испуштаат капки, кои покрај сето тоа, остануваат во воздух подолго како резултат на студот. На крајот, воздухот многу бавно се менува во оладените простории – објаснува Стрек, додавајќи дека уделот на свеж воздух во вакви системи е многу мал.
Тој верува дека проблемот со вентилацијата во фабриките може да се реши со воведување поголема количина свеж воздух, чести тестирања и подобри филтри.
Како инфекцијата дополнително ќе се развива и шири „веројатно ќе зависи од временските услови“, верува тој и додава дека „затоа мора да очекуваме повеќе инфекции во есен“.
– Патем, не верувам дека ќе имаме втор или трет бран. Мислам дека сме во постојан бран. Постојаниот бран, кој част расте час опаѓа – вели вирологот.
Тој укажува и на тоа дека во овој момент има многу асимптоматично инфекции, повеќе отколку на почетокот на пандемијата.
– Со самото тоа, се наметнува прашањето во која мера луѓето можат да стекнат делумен имунитет. Ако се заразиле можеби следниот пат нема, или болеста ќе има поблаг тон. После тоа на крајот би можело да бидат доволни мерките на хигиена: почитување на дистанца, укинување на масовните мерки, кивање и кашлање во пазуви – вели германскиот експерт.