Следните неколку месеци ќе бидат особено тешки кога станува збор за пандемијата на коронавирусите, рече генералниот директор на СЗО Тедрос Гебрејезус.
Гебрејезус на брифинг во Женева рече дека ова е критичен момент кога станува збор за пандемија, особено во северната хемисфера. Тој посочи дека следните неколку месеци ќе бидат многу тешки и дека некои земји се „на опасен пат“, пренесуваат светските агенции.
Голем број земји бележат експоненцијален раст на бројот на заразени лица, што доведува до преоптоварување на здравствените системи, посочи генералниот директор на СЗО.
Тој ги повика лидерите на земјите да преземат итни чекори со цел да се спречи натамошно влошување, како што е сеопфатна анализа на епидемиолошката состојба и итно прилагодување на мерките на оние места што бележат голем пораст на бројот на новоинфицирани.
Покрај тоа, властите мора јасно да ја информираат јавноста за реалната епидемиолошка состојба и да им помогнат на граѓаните и економијата, додаде Геберејесус.
Тој истакна дека е забележан недостаток на кислород во болниците во многу земји.
Некои од најсиромашните земји во светот имаат само пет до 20 проценти од кислородот потребен за лекување на пациентите, истакна генералниот директор на СЗО.