Мадона мисли дека била заразена со коронавирус кон крајот на турнејата Madame X. Пејачката и членовите на екипата биле болни по настапите во Париз во почетокот на оваа година.
На Инстаграм пост во кој таа помага да се соберат средства за развој на вакцина против вирусот, Мадона им кажала на фановите дека таа е позитивна на антитела, што значи дека го имала вирусот. Таа напишала:
– Само за да се расчистат работите за луѓето кои повеќе би сакале да веруваат во сензационалистичките наслови отколку да направат свои истражувања за природата на овој вирус – јас во моментов не сум болна. Кога тестовите се позитивни за антитела, тоа значи дека вие го имате вирусот, што е јасно, затоа што бев болна на крајот од мојата турнеја во Париз пред повеќе од седум недели – напиша музичката ѕвезда.
Мадона откри и дека таа не била единствената што била болна во тоа време. Таа објасни дека и другите уметници и танчари кои учествувале во нејзиното шоу исто мислеле дека имаат „многу лош грип“.
– Фала му на Бога, сите сме здрави и добри сега. Благодарна сум што можам да бидам дел од поддршката за истражувањата за наоѓање на лек против ковид-19 – истакна Мадона, која донираше 1,1 милиони долари за развој на вакцина против ковид-19.