Веста за смртта на Масимо Савиќ растажи многумина. Пејачот почина на 61-годишна возраст во Загреб, а овие наводи ги потврди и неговото семејство.
Како што изјави во една прилика, семејството му беше на прво место, а неговата сопруга Ени имаше посебно место во неговото срце.
„Мојата сопруга не може да излезе од дома без да ја бакнам. Тоа не смее да се случи. Трчам по неа ако не сум го направил тоа. Луѓето забораваат дека некому треба да покажат дека го сакаат“, е само една од изјавите на популарниот пејач за неговата партнерка.
„Јас и Ени издржавме толку долго, пред сè затоа што многу се сакаме. Сакам да бидам покрај неа и затоа секогаш брзам да се вратам дома. Јас сум најдобар со неа. Имаме отворена врска, никогаш не сме имале тајни и многу зборуваме“, изјави Масимо своевремено.
Нивната љубов траеше повеќе од две децении. Кога ги слушнал песните кои Ени како текстописец ги правела за Јосипа Лисац, ја ангажирал за неговиот албум. Љубовта се родила од деловна соработка, а набргу по венчавката во нивното семејство пристигнала и ќерка.
„Додека спиеше ѝ земав мерка за прстен, отидов во град и купив веренички прстен. Кога се вратив дома, таа само што се разбуди, клекнав пред неа и ја запросив“, изјави тогаш Масимо Савиќ.