Дали во Италија може да бидете казнети ако на јавно место се бакнете со партнерот или затоа што мајка го прегрнала своето дете кое долго не го видела? Или, пак, ако ви се скинало ластичето и заштитната маска ви паднала токму во тој момент? Одговорот е – да!
Маските во регионот Ломбардија се задолжителни најмалку до 30 јуни. Во возило можете да се возите само со лице со кое што живеете, а ако не е така тоа лице мора да седне на задното седиште со маска на лицето. Не се дозволени прегрнување и бакнежи на јавно место за лица кои не се членови на исто семејство, а дистанца од еден метар и маска се задолжителни.
Многу правила кои внесуваат многу забуни зашто во Италија има 21 регион и секој од нив често донесува самостојни одлуки. Има големи разлики од регион до регион, а често и од општина до општина. Затоа и често има недоразбирања, проследени со високи казни.
На пример, во градот Павија се изречени десетина казни од по 400 евра и тоа само во еден ден зашто пријатели се прегрнувале бидејќи поради карантинот не се виделе одамна или поради бакнеж помеѓу момче и девојка кои се во врска, но не живеат заедно.