Рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон. Путин му рекол на Макрон дека целите на воената операција во секој случај ќе бидат исполнети, а обидите да се добие време со одложување на преговорите само ќе доведе до тоа руската преговарачка страна да има дополнителни барања од Киев, пренесува Кремљ.
Путин му претстави на Макрон руски услови на кои ќе инсистира во преговорите со претставниците на Киев.
Двата главни услови се: Демилитаризација и неутрален статус на Украина – заканата за Русија никогаш да не дојде од нејзината територија.
Претседателот на Русија на Макрон му рекол и дека наводите за бомбардирањето на Киев и другите украински градови не се точни, туку дека се елементи на антируска кампања на дезинформации.
Путин го повикал Макрон да направи напори за да се осигури безбедна евакуација на странци од Украина.
Тој на претседателот на Франција му рекол и дека земјите од Западот не направиле апсолутно ништо да го натераат Киев да ги испочитува Договорите од Минск.
Двајцата претседатели се согласија Париз и Москва да продолжат со контактите на различни нивоа.
Путин детално ја коментираше и изјавата на претседателот на Франција за време на неговото обраќање до нацијата по повод војната во Украина дека е лага дека Русија ја води борбата против нацизмот во Украина. Според Кремљ, рускиот претседател со аргументи објаснил која е суштинската улога на неонацистите во државната политика на Киев.