Педесет и петгодишна жена од Мостар почина синоќа во кантоналната болница „Д-р. Сафет Мујиќ“, откако вчера била тешко повредена при пад од карпите во реката Неретва, јавува „Дневни аваз“. По падот итно била пренесена во болница каде и биле констатирани повеќекратни скршеници.
Како последица на тешките физички повреди, настанале компликации поврзани со нејзината здравствена состојба. Доктор Мехмед Хазнадар, раководител на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување, потврди дека мерките за реанимација започнале во 21 часот. Сепак, жената им подлегнала на повредит.
Жената ги следела скоковите во близина на градината на ресторанот со поглед на Стариот мост, а во еден момент најверојатно се лизнала и при падот неколку пати се удрила во карпите, по што паднала во Неретва.
Благодарение на брзата реакција на Мостарската интервентна спасувачка служба, која се грижи за безбедноста на натпреварувачите, жената со брод е префрлена до возилото на Брза помош, а потоа во болница, каде после неколку часа почина.
На традиционалните скокови од Стариот мост во Мостар се натпреваруваа 33 скокачи од земјите од регионот, 18 скокачи во дисциплината скок на нозе и 15 во дисциплината скок на глава. Манифестацијата ја следеле голем број туристи и посетители од различни делови на светот.