Скршен, посрамен и со солзи во очите се држам за стомакот, бидејќи чувствувам болка причинета од неисполнетите ветувања дадени на моите најблиски.
Моето семејство ми даваше неизмерна поддршка низ годините поминати во политичката борба со режимот, кој иако падна со пенкало, знаеше да биде исклучително груб при паѓањето, оставајќи голем број крвави глави зад себе. Но јас не се плашев, бидејќи секогаш некој од блиските ќе ми ја стегнеше раката или ќе ми кажеше некој збор на утеха. Таа симбиоза на мојот политички ангажман со семејството, сега некој се сети да го прекине. Хируршки да го отсече. Да го прикаже како нешто неморално, недемократско.
Како сега да ја гушнам сестра ми? Да ја погледнам во очи и да немам ниту еден збор на утеха за нејзината голгота? Ниту советничко место во Народна банка, ниту едно, макар шефовско место во МЕПСО. А што да му кажам на зетот? Што? Дека во Антикорпуциска нема место? Среќа што немам баџанак, инаку кај ќе ми беше срамот.
А како да легнам во постела со сопругата? Како да ѝ кажам дека пусти соништа и желби биле нашите убави планови за некаква позиција во Минитерството за надворешни работи. Во протокол или можеби во кабинетот на министерот, потполно небитно. Битно е дека брачната идила веќе ја нема.
Татко ми нит газда на телевизија, нит амбасадор стана. Како сега на иста маса со него да се седнам и што да му кажам кога ќе ме праша – како сум, што правам?
А како ли мајка во очи да ја видам? Како да ги скријам солзите и како да ја одржам насмевката на моето заоблено лице? Како да ѝ кажам дека ќе мора да се откаже од местото да работи во Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации? Дека мора да даде неотповиклива оставка. Тешки, претешки се детските солзи за секој родител.
И јас сум родител и свесен сум за тоа. Среќа децава ми се мали, па не мора и нивната детска, наивна душа да ја валкам. Но знам, поточно сигурен сум, дека и тие ќе беа жртви на ова безумие доколку беа полнолетни и по некоја судбинска грешка останеа во Македонија. Да, и нивната иднина во славната државна администрација ќе беше доведена во прашање. На некого ќе му засметаше што ќе се вработеа во Агенцијата за супервизија на осигурувањето на пример, или што знам како некакво Аташе за култура или едноставно во Влада.
Ние се боревме една фамилија да симнеме од власт, а тоа го плативме со среќата на нашите фамилии. Нема крај на агонијата и нема задоволство од слободата. Проклет е оној народ што ги јаде работните места на своите деца, мајки, татковци, сопруги и баџанаци.
Да бев циник ќе кажев – непотизмот е забава за целото семејство – но сега ми останаа само солзите и сеќавањата од револуцијата, кога со месеци протестиравме и се надевавме на живот.
(Преземено од Фејсбук)