Извршниот директор на компанијата „Фајзер“, Алберт Бурла, апелираше до владите ширум светот да не ја отвораат економијата премногу брзо поради оптимизмот за потенцијалните вакцини против ковид-19, пренесе АП.
“Со оглед на притисокот за отворање на економијата, владите не треба да ја прават оваа грешка и веднаш да ги ублажат мерките“, рече Бурла на онлајн конференција.
„Вакцината е само едно средство за контрола на оваа болест… Времето кога ќе можеме да се вратиме во нормала не е далеку, но дефинитивно не е сега“, изјави тој.
Бурла посочи дека раните фази на националните програми за вакцинација веројатно ќе имаат значително влијание затоа што тие ќе бидат насочени кон категориите на ризик како што се старите лица и здравствените работници.
Инаку, Велика Британија е прва земја која одобри употреба на вакцина изработена од „Фајзер“ и германската компанија „БиоНТек“.