Вирусот Нипа кој може да убие повеќе од половина од оние што го добиваат е една од следните главни закани за појава на глобална пандемија, предупреди научникот Сара Гилберт, која учествуваше во создавањето на вакцината АстраЗенека.
Гилберт за британските медиуми посочи дека вакцината против овој вирус сè уште не е на повидок, и смета дека би било „фатално“ доколку овој вирус се развие во насока да се шири со иста брзина како и ковидот, пренесува „Д Сан“.
“Сите се свесни како се прошири SARS-CoV-2 низ целиот свет. Мутираше, еволуираше и завршивме со делта сојот кој е многу заразен. Ако добиеме делта варијанта на Нипа вирусот (еволуирана за да биде позаразна), тогаш би имале високо пренослив вирус со 50% смртност“, рече таа.
Пред да започне со работа за развој на вакцината „АстраЗенека“ во јануари минатата година, Сара работеше и на вакцини за вирусот Нипа, треската Ласа и МЕРС. Сепак, нејзината работа стагнираше откако започна пандемијата.
“За време на пандемијата, научивме дека можеме да го направиме тоа побрзо и подобро, сега сакаме да ги примениме тие лекции, но сепак потребни се средства за тоа. Потребни ни се залихи на вакцини против овие патогени кои веќе ги знаеме. Како би изгледало ако одеднаш се случи голема „епидемија на вирусот Нипа? Со години се сомневаме во тоа и почнавме да правиме вакцина пред пет години, но сè уште не е готово“, посочува Гилберт.
Вирусот Нипа е на врвот од списокот за десет приоритетни болести кои Светската здравствена организација ги идентификува како потенцијални причини за идни епидемии. Минатата година, научниците за „Д Сан“потврдија дека вирусот Нипа навистина „може да биде иницијатор на нова пандемија“.
Јужната индиска држава Керала мораше итно да реагира во септември за да го спречи потенцијалното избивање на овој вирус откако од него почина 12-годишно момче, што доведе до изолација на стотици негови блиски контакти.
Првично, овој вирус предизвикува треска, главоболка и респираторни симптоми, пред да доведе до оток на мозокот и кома. Нипа се пренесува од луѓе на животни, а постои сомневање дека се пренесува од свињи кои се заразиле со јадење овошје со траги од плунка или урина од лилјак.
Најголем ризик за појава на епидемија на вирусот Нипа постои во земји како Камбоџа, Индонезија, Мадагаскар, Филипини и Тајланд.