Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, кој вчера даде еден гол и ја најави големата победа на Џенова против Милан на „СанСиро“, го налути италијанскиот министер за спорт Винченцо Спадафора со еуфоричната прослава.
Имено, италианскиот министер Спадафора, кој бараше Калчото да се прекине после указот на Апенините со кој се забранува буквално сè на чизмата, се налутил зашто Пандев и соиграчите се гушкале по дадениот гол на срумичанецот.
Како што истакнал, таквиот потег на Пандев претставувал лош пример во време кога владее коронавирусот.
– Фудбалот во оваа ситуација и понатаму е лош пример. Денешниот излив на емоции на Пандев и прегрнувањето на неговите соиграчи е најдобриот доказ за тоа – изјавил Спадафора за „Раи“.
Министерот за спорт ги повикува фудбалерите да ги лимитираат контактите меѓу себе.
„Мора да носиме одлуки кои ќе го штитат здравјето на Италијанците“, додал министерот.
Инаку, во Италија, освен што натпреварите се играат пред празни трибини фудбалерите имаат забрана и за вообичаеното ракување пред натпреварите.