Обвинителството за гонење организиран криминал го врати запленетиот глисер поради осудениот Зоран Милески-Кичеец за случајот „Рекет“, дознава „А1он“.
Глисерот кој требаше да послужи како доказ во постапката против Кичеец е во формална-правна сопственост на охриѓанецот Марјан Грунчев. Од Обвинителството за „А1он“ потврдуваат дека глисерот е вратен, но не даваат информации која е поврзаноста меѓу Грунчев и Кичеец, како и, дали го испитувале потеколото на глисерот односно, како и со кои пари е купен. Глисерот во моментот кога беше запленет, беше огласен за продажба и чинеше 50 илјади евра.
Русковска освен глисерот, не дозволила да се вратат останатите предмети кои беа одземени при претресот во домот на Кичеец, како и на други локации во Охрид и Дебарца кои имаат поврзаност со него. Меѓу предметите има лаптоп компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови, мемориски картички. Се шпекулираше дека во домот на Кичеец е пронајдено оружје и муниција, но досега, потврда за оваа информација нема.
Запленетите предмети од домовите и канцелариите на Бојан Јовановски познат како Боки 13 и ексшефицата на СЈО, Катица Јанева и натаму остануваат кај Русковска. Од домот на Јовановски се изнесени брендирана облека, часовници, уметнички дела, компјутери, додека пак, од кај Јанева беше одземен мебел, лична гардероба, чанти, компјутери и телефони.
Tретообвинетиот за случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец е осуден на три затвор откако тој призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева. Тој останува во куќен притвор до правосилноста на пресудата.