Комисијата за заразни болести не разговара за воведување 24-часовен карантин во времетраење од 14 дена. За “Фактор“ потврдуваат дека на нивните состаноци во моментов се разговара за мерките кои очекуваат дека ќе дадат резултати, односно со кои очекуваат намалување на трансмисијата на вирусот.
-И покрај актуелната епидемиолошка слика во земјава, со голем број новозаразени и голем број починати лица, ние никогаш не сме спомнале дека ќе воведеме карантин, ниту на целата територија на Македонија, ниту пак посебно, во критичните општини. Единствено, што и претходно кажувавме, а тоа неодамна го потврди и министерот за здравство, Венко Филипче дека размислуваме за мерка полициски час, односно за рестрикција на движењето на граѓаните, но само во вечерните часови, велат повеќе членови на Комисијата за здравство за Фактор.
Истовремено потенцираат дека карантинот како мерка целосно би ја урнал и онака кревката економија во земјава, заради што се обидуваат да напреават баланс меѓу воведувањето на мерките и функционирањето на економските субјекти. Токму затоа, засега, како што посочуваат нема ниту целосно затворање на угостителските објекти, туку само скратување на работното време до 21 часот.