Брендот за брза храна “Kentucky Fried Chicken” (KFC) привремено ќе престане да го користи долгогодишниот слоган “прсти да излижеш” или оригинално “it’s finger licking good” бидејќи го смета за несоодветен во време на пандемијата на коронавирусот. Во ерата на маски за лице и постојано миење на раце, додека здравствените власти им препорачуваат да не го допираат своето лице, од “KFC” сметаат дека нивниот слоган “веќе не звучи правилно”.
Главниот спот на кампањата прикажува монтажа од различни билборди и производи на KFC низ годините, меѓутоа делот од слоганот кој се однесува на лижењето прсти е цензуриран и останува само „It’s good“ („Добро е“).
„Тоа нешто што секогаш го кажуваме? Игнорирајте го, засега“ – се истакнува на крајот од рекламата.
Слоган кој Џем Брендс, сопственик на ланецот, го користел 64 години, ќе биде повлечен во понеделник ширум светот и ќе се користи повторно кога ќе дојде време за тоа, соопштила компанијата.