Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот ги критикуваше своите западни колеги за погрешниот однос кон рускиот претседател Владимир Путин.
Тој даде и пример – Тоа што тој успева да соработува со Москва за прашања кои се движат од сирискиот мировен процес до минатонеделниот договор за извоз на украинско жито преку пристаништето на Црното Море.
„Го знаете односот на западните политичари кон Путин. Ставот што му го покажувате е однос што ќе го добиете за возврат“, изјави тој за државната телевизија ТРТ за време на долгото интервју во понеделникот вечерта, нарекувајќи го „несоодветна политика“, пренесува Новости.
Турција, исто така, беше домаќин на првите разговори меѓу Украина и Русија во раните денови на конфликтот, пред процесот да биде прекинат – наводно на повик на одредени западни лидери.
„Ние сме решени да го спроведеме овој договор во пракса“, рече Ердоган за договорот за жито, истакнувајќи дека тој многу ќе помогне во ублажувањето на заканата од глобална криза со храна. Тој ги повика и Русија и Украина да се придржуваат до она што го потпишаа во Истанбул.
Во конфликтот меѓу Русија и Украина, Анкара не ја смета ниту едната страна за непријател, рече Ердоган. Турција не воведе санкции кон Русија, но се спротивстави на воената операција на Москва во Украина и му продаде на Киев борбени беспилотни летала како Бајрактар ТБ-2.
Во врска со односите со Русија, Ердоган рече дека Турција се фокусира на прашања од „заемна корист“, како што е мировниот процес за соседна Сирија. Како дел од иницијативата „Астана три“, турскиот лидер се состана со Путин и иранскиот претседател Ебрахим Раиси во Техеран претходно овој месец. Во таа прилика цел свет гледаше како Путин го чека Ердоган во соба полна со новинари.