Една од најпопуларните бразилски пејачки Марилија Мендонца загина во авионска несреќа во Бразил.
Идол на младите, 26-годишната Мендонца загина на пат кон концертот што требаше да се одржи во Рио де Жанеиро.
Полицијата потврди дека патничкиот авион се урнал северно од Рио де Жанеиро, на непристапен терен и дека сите патници загинале.
Покрај Мендонца, во несреќата загинаа и нејзиниот продуцент Енрике Рибеиро, асистентот Абичели Силвеира Дијаз Фиљо, пилотот и копилотот на авионот, пренесе Ројтерс.
Во тек е истрага, а според првите информации, компанијата „Минас Жераис“ објавила дека авионот на пејачката удрил во кабелот на електрокула што и припаѓа на таа компанија.
Само неколку часа пред несреќата Мендонца на Инстаграм постави видео како влегува во авионот.
Марилија Мендонца е добитничка на Греми за латино музика, а на Инстаграм имаше 38 милиони следбеници.
Таа со своите песни ја популаризираше борбата за човекови права, а особено се залагаше за еднаквост на жените во општеството.
Медиумите јавуваат дека цел Бразил е во шок поради смртта на младата пејачка, а се огласи и претседателот Жаир Болсонаро.
„Марилија Мендонца остави трага во бразилската култура и богат репертоар на бразилска регионална музика. Тоа сигурно нема да биде заборавено“, соопшти бразилската влада.
Многу познати Бразилци, меѓу кои и фудбалерот Нејмар, објавија пораки во кои изразуваат тага и болка поради смртта на Марила.