Полиција утрово го запре актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Тој со вклучување во живо на „Фејсбук“ кажа дека полициско возило го следело неколку улици, по што на улицата Лесковачка го сопреле возилото во кое бил заедно со Дејан Димитриевски.
– Сакам од овде лично пред целата македонска јавност, на улица Лесковачка, да видиме како работи полицијата на актуелниот министер Оливер Спасовски. Претходно бевме следени од возило на МВР подолг временски период на неколку улици, директно од возачот на началникот на СВР Куманово Стојанчо Величковиќ. Во моментов нѐ застанаа на улица Лесковачка без никакво образложение. Ни ги зедоа документите, веќе 10 минути имаме застој на улицата. Тука сум на јавно прометна површина, го објавувам ова да види јавноста со кого си имаме ние работа во Куманово – вели Димитриевски.
Нека му служи на честа и на господинот министер, вели Димитриевски, а нека му служи на честа и на мојот поранешен другар, бидејќи ова не личи на ништо.
– Ваква тортура не се правела никогаш во македонската јавност. Потенцирам, снимам на јавно место, се
снимам себе си за да нема никакви обвиненија дека сум снимал. Еве сега допрва даваат насоки, да се препаркира возилото и самите не знаат кое е објаснувањето зошто сме стопирани, заедно со лице кое ме придружува мене Дејан Димитриевски – вели тој.